Иселување и стареењето на руралната популација, незаинтересираност на младите за земјоделие, образованието на вработените во земјоделскиот сектор, како и климатските промени беа посочени како причини за намалување на земјоделското производство од страна на учесниците на 25. Форум за земјоделска политика, што денеска и утре се одржува во Охрид во организација на Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Воедно беше потенцирано дека треба да се применуваат позитивните пракси од Европа.

Климатските промени се само еден од сегмените, ние имаме структурно посериозни проблеми во земјоделството. Прво сме силно расцепкани, нашата просечна фарма е два хектари, што е малку за да живееш од нејзе, тоа не е економски профитабилно стопанство. Втор проблем е возраста, во 2015 година возраста на просечниот македонски земјоделец беше 56 години, од тогаш многу малку млади влегуваат во секторот, сега нашиот просечен земјоделец е постар од 60 години, вели Чукалиев.
Посочува и на многу малиот процент на вработени во земјоделскиот сектор кои имаат било какво формално образование од областа на земјоделството.
Најголем дел од македонските земјоделци се со незавршено или завршено основно образование. Прво мораме да си ги решиме структурните проблеми, а потоа и како можеме да го унапредиме производството во Република Македонија, рече Чукалиев.

Сепак тој сооднос на произведеното и увезеното е исклучителен важен, бидејќи на тој начин ние даваме поддршка на македонскиот земјоделец. Така ќе можеме да ги мотивираме и младите и останатите да продолжат со оваа земјоделска дејност, која е добра професија и особено значајна за мала држава како Македонија, рече Серафимовски.
И генералниот секретар на постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа, професорот Бобан Илиќ смета дека земјоделскиот сектор не е атрактивен за млади луѓе, а профитната маржа или обезбедување основна живеачка е дискутабилна.
Имаме напуштање на селата. Процесот на иселување и стареењето на руралната популација. Тоа не е својствено само за Македонија, тоа е европски тренд, вели Илиќ, нагласувајќи дека е потребна регенерација на руралните региони, за што во повеќе земји во Европа се основаат и посебни министерства кои работат на проблематиката.

Н.С.Ј.











