Претставници на здружението „Синан Челеби“ од Охрид, вчера, остварија средба со директорката на Завод и Музеј Охрид Тања Паскали Бунташеска, со цел изнаоѓање решение  за посетителите на турбето Синан Челеби, односно неговото погребно место на локалитетот Имарет – Плаошник, каде од неодамна е воведена наплата на влез.


На средбата се разговарало за новонастанатата ситуација при што од страна на здружението било побарано ослободување од плаќање влез на посетителите на турбето, односно погребното место на Синан Челеби. Притоа од страна на претставниците на здружението било посочено дека посетителите муслимани турбето го посетуваат и за верски обред и заради тоа не би требало да им се наплаќа влез.

Двете страни изнеле мислење  дека заради подобрата информираност на посетителите на турбето Синан Челеби, на наплатното место треба да стои информативна табла дека за посетителите на турбето не се наплаќа.

Претставниците на здружението од директорката на Завод и Музеј добиле ветување дека изнесните барања ќе бидат пренесени до другите надлежни институции и ќе се побара заедничка разрешница.

Покрај до Завод и Музеј, здружението „Синан Челеби“ писмени барања поднесе и до Исламската верска заедница –Охрид и до Дебарско – кичевската епархија.

-На археолошкиот локалитет Имарет(Плаошник) освен црквата Св.Пантелејмон постои и еден скоро реставриран  културно-историски  верски објект од Османлиско-турскиот период .Тоа е турбето односно гробот на Синан Челеби чие семејство опстојувало низ векови и било едно од најмоќните во Охрид. Особено Синан Челеби во историјата остава силен белег со оснивањето на вакафот, кој во тоа време има голем придонес  за граѓаните на Охрид без разлика на нивната национална и верска припадност.-информират од здружението „Синан Челеби“, изразувајќи надеж дека ќе наидат на разбирање кај надлежните институции и проблемот ќе биде решен во најбрз можен рок.

OhridNews