Здружението на граѓани “Совест” со соопштение реагира на случувањата во охридската чаршија, каде во тек се градежни работи на објект кај стариот Чинар, кој е споменик на природата, како и случувањата околу Алипашината џамија.

Охриѓани акламативно ќе се согласат дека, Чинарот е единствениот и посебен симбол на градот кој безрезервно ги обединува граѓаните на нашиот град. Тој вековит симбол на градот вчера беше нападнат од “напредните“, кои за нас од ЗГ “Совест“лепат етикети, за тие непречено да го поведат градот во “светлата ни иднина“. Наспроти тоа рушење на најстариот “жител“ на Охрид, на неколку десетици метри се гради “новиот симбол“ на Охрид – 32 метри високо минаре на Али пашината џамија. – стои во реакцијата на “Совест”

Ова здружение на граѓани укажува дека и покрај сите укажувања, дописи до сите надлежни институции, претставки до Јавното обвинителство, прес конференции, тв дебати и трибини, минарето продолжува да се гради и дека тоа се прави спротивно на законот.

Во обид нашиот глас да допре до најповиканите се обративме и до премиерот, кој ни возврати, цитираме – “Има реакција. И тоа што се гради не е минарето. Знае градоначалникот и се преземаат дејствија“. Ајде да му веруваме на премиерот, но што да правиме со нашите очи кои секојдневно го гледаат растежот на минарето. И колку време им треба на надлежните да реагираат на ова насилие кое се врши врз Охрид и охриѓани. – стои во соопштението на ЗГ “Совест”.

Здружението бара надлежните инспекции и институции да излезат на терен и да ја утврдат фактичката состојба.