Зголемен број на деца заболени од варичела, меѓу народот познати како овчи сипаници периодов во Охрид. Според информациите на OhridNews, сипаници има и кај децата во градинките, но и кај децата во училиштата. Епидемилогот од Центарот за јавно здравје, Јованка Стурлакова Коровешоска вели дека ова е сезонско јавување на варичелата и е нормално посебно во колективите како што се градинките и училиштата.

Секогаш кога има повеќе вируси оној што е подоминантен ги сузбива другите. Лани имаше Ковид и децата многу малку се носеа во градинка и тоа беше можеби една од причините што имаше помалку заболени претходните две години. Грип немавме лани сите беа Ковид позитивни. Сипаниците знаат да се јават по 4-5 години како епидемија, нормално е. Кај нас во Македонија не е вакцинопревентабилно заболување, нема задолжителна вакцина против варичелата, додава.

Во однос на превентивата Стурлакова Коровешоска вели дека треба да се преземат одредени мерки и во установите, но и родителите да внимаваат.

Исто како за сите респраторни заболувања, проветрување на просториите бидејќи станува збор за респираторно заболување, миење на рацете е многу важно и децата кои се болни родителите да не инсистираат да ги носат во градинка, бидејќи детето е инфективно пред да се појави исипот. Штом имаат температура во тој период многу лесно можат да ја пренесат заразата бидејќи нема видлив осип. Во градинките има во сите, нема во некое да доминира, туку во сите скоро рамномерно, а децата се од различна возраст. Неможам да кажам дека се јавува кај една или две генерации, додава Стурлакова Коровешоска.

Н.С.Ј.