Карактеристично за оваа туристичка сезона е зголемениот број на кражби и други имотни деликти, но и зголемената ефикасност на полицијата во нивното расветлување, информираат од СВР- Охрид, сублимирајќи ги податоците за изминатите неколку месеци.

Само во текот на јули оваа година, на подрачјето на Охрид регистрирани се 71 кривично дело кражби, односно 93 во месец  август. Тоа претставува зголемување во однос на минатата туристичка сезона кога имало 62 во јули и 87 во август.

Истовремено, зголемена е и ефективноста во расветлувањето на казнените  дела ,која во јули изнесувала 66 проценти и 40 проценти во август  оваа година.

Како што информираат од СВР- Охрид, најчесто кражбите се вршеле на плажи, куќи, станови, хотелски соби и казина.

Посебна карактеристика на овогодишната туристичка сезона се дрските кражби извршени  со насилно одземање на ташни и ланчиња претежно од женски лица. Сторителите на кражбите, покрај пари и златни предмети, одземале лап топ компјутери, мобилни телефони, фото апарати, видео камери и други предмети. Најголемиот број од нив (63%), се лица од Скопје, Прилеп и Битола што укажува на фактот дека и оваа туристичка сезона во Охрид престојувале значителен број на лица  со цел вршење на кражби и други казнени дела, информираат од СВР.

По пронаоѓањето на сторителите, во јули, СВР Охрид има поднесено 32 кривични пријави и 31 кривична пријава во месец август.

Во сузбивањето на нарко-криминалитетот, полициските инспектори презеле низа мерки за откривање на лица кои злоупотребуваат дроги и психотропни супстанци. Во текот на Јули и Август, пријавени биле 30 лица кај кои биле пронајдени помали количини марихуана, хероин, екстази и други предмети. Во домот на лице од Охрид пронајдени се неколку садници и повеќе семки од растението Канабис сатива. Опојните дроги се пронајдени  во патнички возила, во домови сокриени во отвори за оџаци, во авто кампови, во облека и други лични предмети. Се работи за лица наркозависници од кои, најголемиот број се од Скопје како и од Прилеп, Кичево, Свети Николе, Кавадарци, Штип, Охрид, Кратово. Во злоупотреба на дрога, затекнати се лица од Белгија и од неколку други странски земји.

Во преземањето на легалните, пред се превентивни мерки, оваа туристичка сезона имало вкупно пет случаи на напад врз полициските службеници.

OhridNews