Министерпт за здравство, Никола Тодоров, претстави неколку позначајни новини поврзани со систем за електронско закажување, меѓу кои е и дополнителниот број на слободни термини за прием на пациенти на секундарно и терциерно ниво.
„ Како посебно значајно сакам да го најавам креирањето дополнителни слободни термини за прием на пациенти за преглед и дијагностички процедури на секундарно и терциерно здравствено ниво, односно на универзитетските клиники, што е пред се во интерес на пациентите“, рече Тодоров.
Бројот на утврдени слободни термини во текот на месецот не смее да биде помал од просечниот број на извршени специјалистичко-консултативни услуги за истиот месец во претходните две години од страна на здравствениот работник, односно од просечниот број извршени специјалистичко-консултативни услуги за целиот период во кој здравствениот работник извршувал специјалистичко-консултативни услуги доколку периодот е пократок од две години.
“Како втора точка што сакам да ја најавам е формирањето на посебна Проектна единица за националниот систем за електронските евиденции во здравството“, рече Тодоров.
Тој појасни дека се формира посебно тело чии главни задачи се, 24 часа мониторинг на практичната примена и имплементација на проектот Мој термин во сите здравствените установи, Мониторинг на цела хардверска инфраструктура и интернет конекција каде што се поставени серверите на националниот систем, Мониторинг, тестирање и сертификација на сите софтверски решенија кои се актуелни во примарното, секундарното и терциерното здравствено ниво кои се интегрирани со националниот систем мојтермин, Техничка и корисничка поддршка за сите програмерски куќи кои се интегрирани со нас, Техничка и корисничка поддршка за сите здравствени работици и пациенти на бесплатниот телефонски број (02) 15 444
Новини има и во поглед на контролните прегледи на пациентите, појасни Тодоров. Контролата за пациентот си ја закажува самиот специјалист, и пациентот нема потреба дополнително да го посети матичниот лекар за повторно закажување термини. Доколку контролниот преглед биде закажан за следните 30 дена, прегледот ќе биде извршен со истиот упат, нема потреба пациентот да вади нов упат (ако е над 30 дена специјалистот го резервира потребниот термин и на лице место му го дава отпечатениот упат, кој потоа пациентот треба да го завери кај матичниот лекар).
„Сакам да напоменам дека за итните случаи нема потреба од закажување. Тие веднаш се примаат и згрижуваат во соодветната здравствена установа. Во моментот кога се евидентира и реализира итен случај, системот автоматски генерира електронски упат за пациентот во терминот кога ја посетил здравствената установа. Со тоа пациентот нема потреба дополнително да го посети неговиот матичен лекар и не треба ретроградно да се креира електронски упат“, рече Тодоров.
Тој потсети дека како техничка поддршка на целиот систем успешно функционира и дежурен телефон и хелп-деск за сите прашање поврзани со функционирањето на електронскиот систем Мој Термин.
Makfaks