Како што потенцираат од Меѓаши, од полугодишниот извештај може да се забележи зголемен процент на контактирање на СОС телефонот од страна на децата.
– Кај децата јавувачи карактеристично е што на СОС телефонот се имаат обратено двојно повеќе девојчиња поточно 16, отколку момчиња чиј вкупен број е 8, и имаме една анонимна дојава. Воедно може да забележиме дека во овие шест месеци довербата на децата кон Детската амбасада Меѓаши е зголемена што може да го увидиме преку тоа што сите оние кои ни се обратиле еднаш, го продлабочиле контактот преку посета во Меѓаши со 33 дополнителни средби и 33 дополнителни контактирања преку СОС телефонот и електронската пошта, информираа од Меѓаши.
СОС линијата за деца и млади функционира скоро 19 години односно од октомври 1993 година и досега се регистрирани над 18.854 повици. СОС линијата за деца и млади претставува служба за директна помош и поддршка на децата, младите и нивните семејства. На бесплатната СОС линија за деца и млади 0800 1 2222, работи стручен тим кој го сочинуваат педагог, психолог, социјален работник и правник, а покрај стручниот тим во активностите се вклучени и волонтери кои се студенти или веќе дипломирани лица од горе наведените профили.