Во месец ноември 2011 година на аеродромите во Република Македонија е забележано зголемување на бројот на превезени патници, споредено со истиот период во 2010 година. Од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид биле превезени вкупно 57.512 патници, додека во истиот период минатата година биле превезени вкупно 50.541 патници.

Порастот се должи на зголемениот број на патници на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, каде во ноември 2011 година се регистрирани 56.180 патници што во однос на истиот месец минатата година кога биле регистрирани 47.975 патници. Во истиот период е забележано и зголемување на бројот на редовни линии за 15.4%, односно 689 редовни линии во ноември 2011, во однос на 597 кои биле реализирани истиот период минатата година.

Аеродром „Александар Велики“ во Скопје беше пуштен во употреба во септември 2011 година. Во него компанијата ТАВ инвестираше околу 100 милиони евра и истиот сега има капацитет за 4 милиони патници. За разлика од претходно, на овој аеродром сега можат да полетуваат и слетуваат сите типови на воздухоплови. Изградена е нова терминална зграда, која е десетпати поголема од претходната, а има и нов карго терминал, како и нов пристапен пат, поголем паркинг за автомобили, противпожарна и спасувачка станица и нови системи за навигација.

Турски ТАВ го реновираше и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, кој беше пуштен во употреба во април годинава. Покрај реновираната авионска писта, охридскиот аеродром сега располага со функционална ВИП-зграда од 290 квадратни метри, нов хангар за сместување авиони кој опфаќа 1.054 квадратни метри и комплетно нов урбанизиран и среден паркинг-простор од 6.000 квадратни метри. Исто така, реновиран беше и постојниот паркинг со површина од 5.000 квадратни метри. Направени беа и зафати во зградата на патничкиот терминал, така што беа отворени нови места за чекирање.

OhridNews