Според најновите информации од Центарот за јавно здравје, во последниот период евидентиран е зголемен број на заболени од варичела, меѓу народот познати како овчи сипаници.

Од центарот информираат дека во моментов има 120 заболени на ниво на општина Охрид, бројка која е двојно поголема од евидентираната во истиот период минатата година.

– Најчесто варичелата се јавува во зимскиот период и пролет. Веќе имаме податоци од детските градинки дека поголем број деца отсуствуваат од наставата поради што имаат овчи сипаници. Причина за зголемениот број во овој период може да е и тоа што оваа година задолжително е и доставувањето на податоците и пријавувањето на ваквото заболување до нашиот центар од страна на матичните лекари, додава д- р Јованка Коровешоска од Центарот за јавно здравје.

Таа со совет до заболените да се води редовна хигиена и да не се чеша местото со осип затоа што тоа може да доведе до бактериска инфекција, која може да резултира со трајни ожилци.
 
Варичелата е акутно инфективно заболување кое е карактеристично за детската возраст. Предизвикувач на болеста е варичела-зостер вирусот кој спаѓа во групата на херпес вирусите и кој дава две клинички манифестации, варичела и херпес зостер. Вирусот е дермотропен, ретко невротропен. Може да се најде во грлото, крвта и везикулите. Најчесто заболуваат децата до 10-тата година од животот. Може да заболат и доенчињата до 3-тиот месец поради тоа што трансплацентарниот имунитет е помалку сигурен.

Најчесто се работи за благо заболување, кое трае 2-3 недели без да остави компликации. Временскиот период од инфекцијата до појавата на првите симптоми на болеста изнесува во просек 14-18 дена. Терапијата е симптоматска, и вклучува мирување во постела, изолација на болниот, пиење на доволна количина на течности, конзумација на храна богата со витамини. Употреба на лекови кои ја намалуваат температурата и анелгетици секако доаѓаат во предвид. Третирањето на осипот со раствор од хиперманган е препорачливо, бидејќи ја дезинфикува кожата и го намалува јадежот.

OhridNews