ЈП Градски Пазар Охрид изврши корекција на цените за закупнина на продажни места (тезги) кои се зголемени за 20-30% во зависност од категоријата на тезгите.

Зголемувањето велат од претпријатието е резултат на неколку зголемувања на трошоците во тековното работење на ЈП Градски Пазар Охрид, предизвикани од економската и енергетската криза во државава.

Највлијателно зголемување на трошоците се произлезени од Законот за минимална плата, а имајќи предвид дека најголем дел од вработените во ЈП Градски Пазар имаа плата помала од минималната, зголемувањето на бруто платата изнесува 30%. Исто така, значително зголемување на трошоците се јавува и од зголемување на цената на електричната енергија и цените за комунални трошоци. Како јавно претпијатије бевме во постојана комуникација со корисниците на нашите услуги, за изнаоѓање на обострано прифатливо решение. Од нивна страна имаше очекувани реакции кои по неколку заеднички разговори најголемиот дел од нив ги прифатија предвидените измени на цени, имајќи ја предвид економската состојба во целат држава, велат.

Претхoдно бил изготвен предлог ценовник кој бил разгледан и усвоен од страна на Надзорниот и Управниот одбор на претпријатието, а истиот потоа доставен и прифатен од Советот на Општина Охрид.

Поради тоа што во изминатиот период не биле редовно плаќани обврските према УЈП, пред се од актуелната економска состојба, до ЈП Градски Пазар Охрид беше доставено решение за правосилна наплата на ДДВ. Јавното претпријатие постапи по истото и ги подмири обврските со цел за нормално функционирање. Оваа ситуација дополнително ја оправдува одлуката за минимално покачување на цените на нашите услуги. Сметаме дека минималното покачување на закупнината нема да влиаје врз бројот на издадени тезги со оглед на општото покачување на скоро сите производи и услуги. Бројот на издадени тезги во ЈП Градски Пазар Охрид во минатото најмногу зависел од периодот во годината при што најголем интерес за закуп има во летниот период и најмал број на издадени тезги во зимскиот период, додаваат од претпријатието.

Инаку, ЈП Градски Пазар Охрид издава вкупно 177 тезги за земјоделски производи од кои во моментот се издадени 107 тезги и 60 тезги за бижутерија од кои во моментот се издадени 42.

Со оглед дека договорите за закуп на тезги се со траење од 12 месеци почнувајќи од 1-ви јануари, во моментов е објавен оглас за закуп.

Н.С.Ј.