Како што информираше министерот за животна средина и просторно планирање, Абдулаќим Адеми, со измените е предвидено половина од надоместокот кој се наплаќа од издадени концесии за користење на водните ресурси за производство на електрична енергија да оди во државниот Буџет, а другата половина во буџетот на општината на чие подрачје се врши концесиската дејност.
Зголемувањето на надоместокот ќе се врши постепено. Предвидено е до 31 декември 2015 година општините да користат 25 отсто од средствата, а од 1 јануари 2016 година половина од надоместокот на концесиите.
„Ваквото постепено зголемување на надоместокот кој ќе припадне на општините се прави со цел во овој период општините да можат да ги изградат своите капацитети во однос на управувањето со водите и спроведувањето на Законот за водите. Сметаме дека надоместокот од концесиите за општините ќе претставува значаен придонес во нивниот буџет со кои тие ќе можат да располагаат и да го користат за потребите на граѓаните на локално ниво. Со отпочнувањето на изградбата на планираните хидроцентрали во Република Македонија, со измените на Законот за водите, Владата на Република Македонија обезбедува за општините редовен извор на средства со кој ќе се зајакне финансиската самостојност на општините, што истовремено ќе придонесе кон зголемување на децентрализацијата“, рече Адеми.
Со ваквата мерка, Владата очекува подобрување на инфраструктурните објекти за управување со вода, а преку редовните приходи обезбедени со предложените измени да им се овозможи на општините самостојно да управуваат со проекти и самостојно да ја обезбедат потребната локална контрибуција при аплицирање за донации.
Предвидено е со дополнувањата и измените на Законот за води да се изврши и негово усогласување со Законот за концесии и јавно приватно партнерство.