Зголемување на бројот на кадаверични трансплантации, подобрување на дијализата во сегментите каде тоа фали, реновирање на Центарот за трансплантација, како и кампања за зголемување на свеста за органодарување се клучните прашања на кои треба да се работи во поглед на подобрување на животот на лицата со бубрежни заболувања. Ова беше посочено на Третите меѓународни средби на дијализирани и трансплантирани пациенти од Мрежата SEEN Transplant кои се одржуваат во Струга.

Вклучената фела во оваа проблематика посочува дека бројката на пациенти со хронична бубрежна болест како во светот, така и кај нас е околу 2% од вкупното население. Медицинскиот дел за трансплантациите велат е совршено разработен, но треба да се работи на кампања за подигнување на општата свест.

Душко Ѓеоргиев, претседател на здружението „Нефрон“ посочува дека ако за нешто во медицината е направено исчекор, тоа е во дијализата, потенцирајќи дека остануваат уште многу работи кои треба да се решат, а тоа се однесува пред се на трансплантацијата.

Трансплантацијата од познат дарител оди тековно и таа се прави за неколку месеци додека да се направат сите подготовки и типизации. Но, сеуште имаме огромна работа во делот на кадаверичната трансплантација од починат дарител, каде заостануваме зад Хрватска, Шпанија кои се лидери. Таа трансплантација во Македонија е во некаква синосуида, има години кога имаме по десетина трансплантации годишно, имаме години кога немаме ниту една или едвај една. Сите заедно се трудиме тој број да го зголемиме. Препораката на моето здружение е да имаме добра превенција, што помалку пациенти да дојдат на дијализа, добра дијализа и голем број на трансплантации за што помалку пациенти бидат на дијализа. Се надевам дека од овде ќе пратиме јасна порака, ќе научиме нешто од тие што се лидери, а земјите како Србија, Црна Гора и Босна кои се слични како нас, ќе установиме заедничко делување, истакна Ѓеоргиев.

Потенцираше дека малиот број на кадаверични трансплантации е резултат на повеќе фактори, меѓу нив и недоволниот број донори.

Потребно е воспоставување на еден траен систем којшто нема да зависи од желбата и ентузијазмот на докторите, зошто ако тој систем не биде добро инсталиран тој ентузијазам со време ќе спласне. Еден од најголемите проблеми е отсуство на една државна кампања за органодарителство. Здружението „Нефрон“ тоа го прави 22 години, но тоа не е доволно, тоа е само еден сегмент. Нашите капацитети се мали и можностите тие. Потребна е една државна кампања која ќе се води континуирано за подигнување на свеста на граѓаните дека тој што сака да прими орган, треба да биде спремен и да даде. За тоа работиме и со стручната фела и со верските заедници правиме напори да тоа биде секојдневно и луѓето уште во текот на својот живот се изјаснат дека при евентуална мозочна смрт можат да бидат дарители, додаде.

Билјана Кузмановска национален координатор за трансплантација истакна дека од 1 октомври минатата година до сега се направени 4 кадаверични трансплантации, но со повеќе органи.

Од нив трансплантирани се осум бубрези, два црни дроба. За жал, некои за срце беа одбиени поради медицински контраиндикации, а некои кои беа валидни за трансплантација самите пациенти одбија. Направени се околу 20 трансплантации на коски, лигаменти и коскени ткива и при тоа некои се и многу сложени трансплантации. Бројката не е доволна да ги задоволи потребите на пациентите, но за една мала земја како Македонија е респектабилна, заради тоа што според сите светски статистики само 2 до 5% од болничките смртни случаи отпаѓаат на мозочна смрт. За донор да биде валиден, значи да има здрави бубрези, црн дроб, срце, коски мора да биде смртта исклучиво мозочна. Во нашите интензивни неги на годишно ниво се хоспитализираат илјада пациенти, просечната смртност е 20%, од нив 5% нека се мозочна смрт, ние навистина имаме мал број. Борбата е да од тој мал број никој да не остане непрепознаен, да бидат добро медицински обработени, да имаме еден емпатичен пристап кон семејството и да добиеме согласност, потенцира.

Од јануари, додава, до сега имаат детектирано 12 пациенти со мозочна смрт, од кои дел биле елиминирни од медицински причини, а за дел не дале согласност.

Сме ги трансплантирале тие за кои сме имале согласнот и кои биле здрави органи. Бројката секогаш треба да се зголемува, но посебно сме горди што немаме компликации по изведените трансплантации, вели Кузмановска.

Изминатата година на Клиниката за нефрологија почна третманот на нови иновативни лекови за оваа популација и очекувањата е да се намали прогресијата на хроничната бубрежна болест, а со тоа да се овозможи поквалитетен живот на пациентите, вели Никола Ѓорѓиевски директор на Клиниката за нефрологија – Скопје.

Но, за жал дел од пациентите завршуваат на дијализно лекување. Дијализното лекување во Македoнија е квалитетно, во моментот бројката на пациенти со дијализа е околу 1 400. Во однос на процесот на трансплантација ние треба да се согледуваме на другите европски држави каде што бројката на трансплантирани болни изнесува околу 30 до 40% од вкупните пациенти, кои побаруваат замастителна терапија. За жал, во Македонија бројката е 13,14 % од вкупниот број болни. И заедно со координаторката работиме постојано да се зголеми бројката на трансплантирани пациенти. Во изминатите година и половина се направија 4 кадаверични трансплантации, значи 8 пациенти добија бубрег од починат донор. Се направија и трансплантации од ливинг (живи пациенти). Oдредени години оваа бројка е поголема други помала. Заедно треба да работиме на кампања да сe донира што е можно повеќе органи, бидејќи трансплантацијата е најдобар и најквалитетен начин на третирање на овие пациенти, потенцираше.

Листата на пациенти кои чекаат трансплантација е 160-170, посочува, и апелира дека треба да се работи на подигнување на свеста за донирање на органи.

Бидејќи тоа е една програма која функционира во нашата држава, од 90-тите години направени се над 500 трансплантации, како од жив донор така и од кадавер. Постојано треба да работиме на ова поле и да го зголемиме бројот. Само така може да помогнеме како на пациентите, така и на државата бидејќи трансплантацијата е најефтин метод на лекување на оваа група. Најмладиот пациент кој ние го третираме на нашата Клиника е над 15 годишна возраст, но има пациенти кои се третираат и на Детска клиника, додава Ѓорѓиевски.

Инаку, домаќин на средбите е здружението „Нефрон“, а учество земат организации на пациенти од дијализа и со трансплантирани органи од 8 земји членки на мрежата Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Романија, Бугарија и Црна Гора. Средбите се со едукативен и спортско-рекреативен карактер и изобилуваат со активности прилагодени за можностите на пациентите од дијализа и трансплантација.

Н.С.Ј.