Зградата на Општина Струга вчеравечер беше осветлена во боите на лицата кои живеат со ретки болести, како симбол на надеж, свест и поддршка за овие лица.

Поаѓајќи од фактот дека секој граѓанин треба да биде еднаков и дека мораме заедно да работиме кон инклузивно и праведно општество, месец февруари е посветен на подигање на свеста и информирањето за ретките болести и секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата што живеат со нив, велат од Општината.

Општина Струга ја поддржува оваа хумана иницијатива во соработка со организацијата Ретки Болести Охрид како и преку осветлување на одредени јавни објекти во боите кои симболизираат солидарност и поддршка за лицата со ретки болести. Се солидаризираме со сите луѓе кои живеат со ретки болести, со нивните семејства и со нивната борба. Ве гледаме, ве слушаме и ве поддржуваме. Не сте сами, порачуваат.

Ретките болест, додаваат, опфаќат повеќе од 300 милиони луѓе ширум светот. Повеќето од нив се невидливи, честопати недијагностицирани и без третман — но откако ќе бидат дијагностицирани, постојат луѓе кои се борат секој ден за подостоинствен живот. Овие лица живеат со една од повеќе од 8.000 ретки болести и често се соочуваат со нееднаков пристап до дијагноза, третман и лекување. 80% од ретките болести се од генетско потекло. Во Македонија, досега се дијагностицирани околу 90 различни ретки болести.

OhridNews