Повеќе од 20 години, охриѓанецот Жанко Зш Голабоски гради успешна водителска кариера. Со неговата харизма, големиот талент, хуманиот дух и подвизите кои ги направи изминатата година, читателите на нашиот портал му одадоа признание за личност на годината во Охрид.
Преку соборувањето на Гинисовиот рекорд за најдолга радио емисија, на еден начин нашиот сограѓанин успеа да го афирмира градот не само во земјава, туку во целиот свет. Со бројните хуманитарни акции во соработка со различни организации и клубови, успеа да допре до најранливата категорија граѓани.
„Веќе 20 години се занимавам со оваа професија. Моите почетоци се во театарот, но сосема спонтано испадна водењето контактна емисија во едно локално радио. Условите во тоа време беа сосема различни. И покрај тоа, нашата тогашна емисија „Комши пази музика“ стана вистински хит во Охрид. Имавме доста спонзори, слушатели и награди. Ќе пуштевме некое ново песниче, кое го порачувавме од странство на радио касета. Немаве јутјуб, а условите беа такви какви што беа.“ – вели Голабоски.
Неговата кариера продолжува во различни локални радиа, а за прв пат на телевизискиор екран се појавува во емисијата „Пулсирања“. Моментално е заштитно лице на НАША ТВ, каде ја води емисијата „Не бери гајле“. Прекарот по кој е препознатлив во целата земја, има долга традиција.
„Тоа беше ептен одамна, кога го формиравме бендот З’ш. Најпрво тоа бевме јас, Диме и Гоќо Танески, а потоа Гоќо одлучи да прави соло кариера. Тоа го заслужи, од проста причина што ние бевме несериозни. Продолживме со Диме како дует, во кој зад себе оставивме околу 8 песни. Соработувавме со различни луѓе, а од големиот број настапи ќе го издвојам тој на стадионот во Скопје. И така по тој охридски сленг „З’ш“ станавме препознатливи. Всушност, не само јас и Диме сме со надимакот З’ш, туку и мојата сопруга и децата го имаат како „дел“ од презимето.“ – истакнува Голабоски.
Нашиот сограѓанин Жанко, е горд ко-сопственик на гинисовиот рекорд за најдолга радио емисија, која траше цели 76 сати. „Кога ќе им кажам на луѓето дека немавме подготовки, не ми веруваат. Не ни знаев дека има големи процедури за овој подвиг. Емисијата беше опуштена, со многу гости, бендови, личности и подржувачи. Искуството е интересно, а подршката која доаѓаше од целиот свет не водеше напред. Имавме и кризи, но нормално медицинските екипи вршеа редовни контроли. Правилата беа строги, а на секои 4 часа се менуваа судиите. Едноставно не очекував дека земјава ќе ја кренеме на нозе. Дури после 2 недели , се вратив во нормален колосек. “ – додава нашиот сограѓанин.
Голабоски е основач на велосипедскиот клуб „З’ш Точак“, а планината е нешто во кое најмногу одмара. Покрај велосипедизмот, во слободно време е ловџија, а себе си се декларира како пацифист. „Велосипед возам речиси цел живот. Почнав сам, а со тек на време ми се приклучија неколку луѓе. Правевме тури до Коњско, Велестово, Радожда и Струга. Еволуирав од Пони точак, па се до планинарски велосипед. На една 90 километарска тура наречена Шарски води, тргнавме од Попова Шапка се до Маврово. Таму одлучивме дека ни е потребен некој клуб или здружение каде ќе се дружиме. Започнавме со еко патроли, а тури направивме низ целата земја. Изготвуваме видео записи, за да луѓето увидат колку е загадена природата. Во слободно време сум ловџија, нешто што исто така ме исполнува“ – вели Голабоски.
Тој е подржувач на голем број хуманитарни акции, почнувајќи од крводарителските, па се до локалните и национални настани. Признанието за личност на годината која му ја доверија нашите читатели му причинува задоволство, а смета дека сите номинирани заслужиле да се закитат со наградата. „Ги поддржувам хуманитарните акции. Нека има што повеќе, за да можеме да помогнеме на најранливата категорија граѓани. Во главно, оваа година беше доста успешна. Го соборивме Гинис, имавме доста емисии, семејството оди напред, а признанието ми значи многу. Мило ми беше кога дознав дека сум избран за личност на годината. Но сметам дека сите тие 10 номинирани ја заслужија оваа голема чест од граѓаните. Посебно Тасески ми е близок пријател и задоволство ми причнува што ете заедно со него ги добивме признанијата.“ – додава Голабоски.
Популарниот Жанко има желба туризмот што повеќе да се развие, а сезоната во градот да трае 12 месеци. „Не само 20 дена, туку во секој месец да имаме туристичка сезона. Нашето поднебје е атрактивно и сметам дека Охрид е многу поубав во септември, отколку во август. Угостителите и сите охриѓани треба да се погостопримиливи, со цел туристите да бидат задоволни и да доаѓаат во секое годишно време.“ – завршува Жанко Зш Голабоски, кој оваа година го доби признанието од OhridNews за личност на годината.
О.Т.