Непостигнувањето политички договор околу иднината на Специјалното јавно обвинителство не треба да ги обесхрабри политичарите да продолжат со дијалогот за изнаоѓање решение за ова важно прашање, пред се за државата, смета меѓународната заедница. Според евроамбасадорот Самуел Жбогар јавноста очекува од политичарите да постигнат договор околу ова прашање, но многу поважно е да се врати изгубената доверба во судството.
Мора да се фокусираме на обидот да се најде решение. Изнаоѓање на решение за функционално судство е многу поважно отколку што е датумот за отпочнување на преговорите. Мислам дека политичарите и судството прво треба да ја вратат довербата кај граѓаните пред се и тоа треба да им биде во фокусот. Доколку довербата биде вратена прилично сум уверен дека ЕУ ќе ја препознае таа промена. – изјави денеска во Вевчани амбасадорот на ЕУ Жбогар.

Запрашан дали тој како и меѓународната експертска јавност која посредуваше во политичките разговори кои резултираа со формирање на СЈО, чувствуваат одговорност по последните случувања поврзани со работата на оваа институција, евроамбасадорот Жбогар истакна дека ова обвинителство во изминатите години работеше на многу важни случаи за сторени кривични дела кои треба да бидат до крај расветлени.
Веруваме и сметаме дека работата на СЈО може да ја продолжи Јавното обвинителство, така што има логика да се спојат СЈО и ОЈО. Колку што разбираме и двете страни се согласни со тоа. Сега зборуваме за детали како тоа ќе функционира во иднина, но да одговорам директно, ние ја делиме големата разочараност и горчина која што ја чувствуваат граѓаните на оваа земја со расплетот на настаните. – додаде Жбогар.

Г.М.
Фото: А. Момироска











