Во Монако денеска беше одржана ждрепката за лигашката фаза од УЕФА Лигата на шампиони 2026/27, по која сите 36 учесници ги дознаа своите осум противници.

Според форматот на натпреварувањето, секоја екипа ќе одигра по осум натпревари против осум различни противници – четири на домашен и четири на гостински терен. Тимовите беа поделени во четири шешири, а секој клуб доби по два противници од секој шешир – еден дома и еден на гости.

Актуелниот европски првак Пари Сен Жермен ќе ги пречека Барселона, Рома, Галатасарај и Слован Братислава, а ќе гостува кај Манчестер Сити, Астон Вила, Виљареал и Комо.

Ливерпул за противници на „Енфилд“ ги доби Атлетико Мадрид, Порто, Виљареал и Ленс, додека на гости ќе игра против Интер, Клуб Бриж, Фенербахче и ЛАСК.

Интересни пресметки го очекуваат и Реал Мадрид, кој дома ќе игра со Интер, ПСВ, Лајпциг и ЛАСК, а ќе гостува кај Арсенал, Рома, Шахтар и АЕК Атина.

Барселона на домашен терен ќе ги пречека Манчестер Сити, Астон Вила, Феенорд и Комо, а ќе гостува кај ПСЖ, Спортинг, Галатасарај и Сабах.

Англискиот шампион Арсенал дома ќе игра против Реал Мадрид, Борусија Дортмунд, Лил и Сабах, а на гости со Баерн Минхен, Бетис, Наполи и Славија Прага.

Меѓу позвучните двојки што ги донесе ждрепката се Арсенал – Реал Мадрид, Барселона – Манчестер Сити, ПСЖ – Барселона, Интер – Ливерпул, Ливерпул – Атлетико Мадрид, Реал Мадрид – Интер, Баерн – Арсенал и Атлетико – Баерн.

Лигашката фаза започнува од 8 до 10 септември, а последното, осмо коло ќе се одигра на 27 јануари 2027 година. Комплетниот распоред со датумите и термините на натпреварите УЕФА ќе го објави најдоцна до сабота, 29 август.

На крајот од лигашката фаза, првите осум екипи директно ќе се пласираат во осминафиналето, додека клубовите од 9. до 24. место ќе играат плејоф за пласман меѓу најдобрите 16.

Финалето на Лигата на шампиони сезонава ќе се одигра на 5 јуни 2027 година на „Метрополитано“ во Мадрид.