Во сабота точно напладне во црквата „Св.Никола-Геракомија“ ќе се одржи чинот на предавање на кумство за Богојавление Водици, на годинешните кумови Жељко Јоксимовиќ и Зоран Милески.

Според информациите кои ги добивме од здружението „Богојавление“, двајцата нови кумови, во рамки на празнувањата ќе бидат придружувани од своите семејства и од пријателите.

-Зоран Милески веќе е пристигнат со своето семејство во Охрид, а според најавите Жељко Јоксимовиќ се очекува да пристигне во текот на денешниот ден, информираа од организациониот одбор на „Богојавление“.

Инаку во текот на денешниот ден започна пријавувањето за скокање по светиот крст во водите на Охридското Езеро.

-Украинец е првиот пријавен во списокот на лица кои годинава ќе скокнат по светиот крст во Охрид. Оваа година очекуваме да ја надминеме бројката 1150 лица, која беше евидентирана во текот на минатата година. Сите оние кои се заинтересирани во текот на наредните два дена ќе може да се пријават во ресторанот „Света Софија“, каде ќе добијат пријава со  која потоа на 19- ти јануари, во периодот од 7 до 9 часот ќе може да ја подигнат маичката во црквите , „Св. Никола- Геракомија“, „Св. Ѓоргија“, и „Св. Богородица –Каменско“, велат од здружението „Богојавление“.

Како дел од подготовките за Водици, во текот на утрешниот ден членовите нуркачкиот клуб „Амфора“ од Охрид ќе извршат чистење на езерото во потегот на пристаништето, со цел да овозможат подобри услови за фрлање на светиот крст.

Според свечената програма за прослава на празникот, утревечер со почеток во 20 часот на градскиот плоштад концерт ќе одржи Каролина Гочева.

OhridNews