Денес и утре, во Струга во просториите на Порака Нова, со почеток во 12 часот ќе се одржи обука за „Основите на финансиската писменост“.

Станува збор за втора обука од циклусот обуки за невработени жени кој Локалната агенција за развој- Струга го организира во месец февруари и март 2012 година. Предавачот Коста Мицковски ќе ги запознае учесничките- како подобро да се менаџира со финансиите, односно како, откако ќе ја пронајдат работата, да се менаџираат приходите кои ќе се стекнат, зашто денес не е доволно само да се има приходи , туку треба да се знае како да се располага со нив. Сето тоа претставува еден коктел на корисна, практична, применлива обука која учесничките ќе можат да ја искористат лично за себе и со истото да си ја надградат личната и семејната благосостојба.

Обуката е дел од вториот циклус обуки за невработени жени во организација на ЛАР од Струга, во рамки на проектот „Жените преминуваат граници за промена“ кој се имплементира во пограничниот регион на Македонија и Албанија, а е финансиран од Европската унија.

Циклусот обуки ќе се одвива до крајот на месец февруари и март и ќе им се овозможи на младите жени од регионот да станат компетитивни на пазарот на труд преку зајакнување на животните и професионалните вештини. Активностите од овој проект, исто така, ќе придонесат за зајакнување на прекуграничната соработка на три нивоа.

OhridNews