Женскиот хор АКордис при Црвен крст Охрид, 2025 година ја заокружи со настап на предновогодишниот прием, што секоја година, традиционално, Црвен крст Охрид го организира за своите членови, соработници, партнери, поддржувачи, на територијата на општина Охрид и Дебрца и пошироко.

Пред присутните гости, женскиот хор, под диригентската палка на м-р професор Биљана Николоска, премиерно се претстави со композицијата Богородице дјево, радујсја од С.Рахмањинов и изведба на божиќните песни Рождение, Тивка ноќ и Радувајте се, со текстови на македонски јазик. Хорот во 2025 година имаше бројни настапи пред охридската публика и пошироко, со репертоар за сечиј вкус со кој остави печат на уметничката- културна сцена. За 2026 година хорот изработи амбициозна програма, со чија реализација започнува од самиот почеток на годината, информираат од Црвен крст Охрид.

Воедно, посочуваат дека хорот е отворен за прием на нови членови и дека се добредојдени сите љубители на хорското пеење, кои сакаат да ги негуваат и развиваат своите гласовно-пеачки способности.

Аудицијата се одржува во просториите на Црвен крст Охрид секој понеделник во 19:30 часот. Телефон за контакт 078 227 433.

OhridNews