Аукцијата со дел од уметничката колекција на францускиот глумец Жерар Депардје во Париз заврши вчеравечер, достигнувајќи цена од 1,3 милиони евра „во соба преполна колекционери и љубопитни гледачи“, како што соопшти аукциската куќа „Адер”.

Депардје (74), одлучи да се прости со над 250 дела на мајстори од 20 век, како што е, на пр. вајарот Огист Роден – уметник чиј лик Депардје го отелотвори во филмот „Irréductible“ („Нескратливо“) од 2022 година, покрај Изабела Аџани. Колекцијата првично е проценета на над три милиони евра, пренесува бугарскиот портал „24 часа“.

Оваа колекција е големо изненадување во однос на важноста на делата што ги собира Жерар Депардје повеќе од 40 години. Тој собирал многу прецизно, што ни открива сосема нов поглед на неговата личност, изјави Дејвид Нордман од аукциската куќа.

Во првиот ден од аукцијата, делото „Паоло и Франческа“ во бронза и црна патина од Роден, изработено во 12 примероци, достигна 83.200 евра, надминувајќи ја првичната проценка. Скулптурата на Задкин од 1922 година, „Жена на колена“, по доста ревносно наддавање, постигна цена од 104.960 евра – со трошоци, иако била проценета на 80.000 евра.

Гвашот „Сончева светлина“ од Александар Калдер (1974) достигна 92.160 евра, надминувајќи ги и највисоките очекувања.

Во текот на трите дена додека делата беа јавно изложени за разгледување, неколку илјади луѓе влегоа во хотелот „Друо“ во Париз. Жерар Депардје, инаку, е под истрага од 2021 година, под сомнение за силување и сексуален напад врз глумицата Шарлот Арну. Поради тоа, во мај тој одби официјално да учествува во претставувањето на својот нов филм „Умами“.

OhridNews