Густ чад се издида деновиве од депонијата Буково. Жешкото време не е сојузник на пожарникарите кои постојано интервенираат, но поради спецификата на проблемот потребен е третман со посебни супстанци за гаснење на депонијата на која се напластени тони смет.

Утрово интервениравме два пати, а на лице место имаме екипа која ја следи ситуацијата, изјавија за Охридњуз од Професионалната територијална противпожарна единица Охрид.

Пламените јазици од Буково навечер може да се забележат од патот за Ресен, а непријатна миризба се чувствува во околината.

Депонијата Буково каде се одлага сметот од Охрид и околината е жешка еколошка точка со децении. Истата според препораките на Реактивната мисија на УНЕСКО веќе требаше да биде затворена и да почне нејзина санација, но овој процес е далеку од почеток, затоа што Југозападниот плански регион во кој спаѓа Охрид, се уште нема изградено прописна регионална депонија.

Г.М.