Многу искри и дебата на моменти со жесток тон, го одбележаа телевиското соочување на кандидатите за градоначалник на Охрид, што синоќа го реализираше охридската локална телевизија НТВ. Во дебатната емисија учествуваа сите шест кандидати за градоначалник на Охрид: Васфи Доко, Боро Павлоски, Кирил Трендафилов – Нанче, Томе Гиноски, Александар Петрески и Ацо Попоски.
Неколу пати водителите имаа проблем да ги смират импулсивните дискусии на дел од кандидатите, а пред крајот актуелниот градоначалник, Александар Петрески, лут, на како што рече, неаргументираните критики ја напушти дебатата.

Жестока тв дебата на кандидатите за градоначалник на Охрид
Во текот на емисијата кандидатите за градоначалник дискутираа околу своите погледи за идниот развој на Охрид низ призма на актуелните прoблеми, меѓу кои како најгорливи беа истакнати колекторот, немањето вода или канализација во одредени делови на градот, но и нерамномерниот развој на општината и неконтролираната урбанизација. Притоа очигледни беа концептуалните разлики на дел од кандидатите, особено во делот на одговорноста за актуелните состојби на локалната односно централната власт. Децентрализацијата, рече кандидатот на СДСМ, Александар Петрески, е сериозен проблем зошто државата прибира 97% од средствата во својот буџет, а само 3% им остава на општините. И со толку малку средства и уште помалку ингеренции во Охрид започнаа да се решаваат најголемиот дел од инфраструктурните проблеми кои со децении се игнорираa, додаде Петрески.
Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Трендафилов Нанче, кажа дека не смее во 21 век да се зборува за комунални проблеми кои според него можат да се решат за 4 години, само треба ефикасна администрација која ќе изготви одржливи проекти за кои постојат средства во владините и фондовите на ЕУ.
Томе Гиноски од ВМРО НП, упати забелешка дека владата не смее да протежира свој кандидат и дека таа треба да соработува со секој од номинираните кандидати. Според него повеќе средства се трошат во скапи кампањи отколку во решавање на суштинските проблеми на граѓаните, додаде Гиноски.
Ацо Попоски, кандидат за градоначалник на Охрид од НСДП, рече дека без решавање на елементарните проблеми на населението нема развој. Според него општината мора да води сметка за стопанскиот развој на градот и да развива бизнис клима, со што ќе се создадат услови за отворање нови работни места.
Екологијата е сегмент за кој кандидатите за градоначалник декларативно се согласија дека е битен елемент од кој зависи не само кивалитетот на живот, туку и развојот на туризмот во Охрид. Екологијата е клучното прашање за влез на Македонија во Еу, напомена кандидатот на ЛДП, Боро Павлоски, кој истакна дека проблемот со реката Грашница, депонијата Буково и колекторот се дел од жешките еколошки точки кои мора да се решаваат.
Кандидатите изнесоа свои гледишта од областа на културата, спортот и туризмот, кој според кандидатот на Нова Демократија Васфи Доко, зависи и од рамномерниот развој на населбите. Без разлика дали некој доаѓа во Воска, Тумба, или Видобишта тој доаѓа во Охрид и општината треба подеднакво да вложува во подобрување на условите за живот во сите делови од градот, подвлече Доко.
Во завршните зборови, Гиноски и Павлоски посочија, на како што рекоа, одредени притисоци врз гласачкото тело и нефер кампања, притоа изразувајќи надеж дека изборите во недела ќе минат во мирна, фер и демократска атмосфера. Сите кандидатите се согласија дека изборите на 22 март мора да бидат фер, демократски и регуларни, бидејќи тоа не е само услов за отпочнување преговори со Европската унија, туку и цивилизациска обврска на охриѓани.











