По вчерашното пуштање во употреба на дел од автопатот Кичево-Охрид, делницата Врбјани-Ботун денес група граѓани од населените места Песочани, Ново Село и Црвена Вода остварија средба со градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, на која истакнаа дека се засегнати со пуштањето на делницата, бидејќи поради неизграденоста на пристапните патишта им е оневозможена или отежната врската на нивните села, односно живеалишта со автопатот.
Како локална самоуправа ја разбираме нивната загриженост и уште еднаш апелираме до Јавното претпријатие за државни патишта, како инвеститор и изведувачите што е можно најбрзо да ги изградат помошните, односно пристапните патишта, како би се овозможило безбеден и непречен пристап на засегнатите жители од автопатот до нивните населени места и обратно, посочува Ногачески.
Директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски вчера при официјалното пуштање во употреба на делницата од Врбјани до Ботун истакна дека се прават пристапни патишта моментално од Сливово до Арбиново, од Арбиново до Издеглавје, од Издеглавје до Песочани, од Песочани до Ново Село и од Ново Село до Ботун.
Дел од нив се асфалтирани, другиот дел ќе бидат асфалтирани се надевам за максимум еден месец. Асфалтирањето ќе почне за десетина дена. Работиме интензивно да ги направиме пристапните патишта на Оровник, Подмолје, Горенци, Требеништа и Мешеишта. На многу места во овие населени места дирекно од куќите се излегуваше на патот. Сега преку пристапните патишта тие ќе може да излегуваат и да се приклучуваат на овој на пат на клучките кои се веќе направени, посочи Трајановски.
Изградбата на овие пристапни патишта, додаде Трајановски, е многу важна затоа што од нивната изградба зависи и пуштањето на делот од автопатот од Климештани до Охрид.
Н.С.Ј.