“Ќе го отворите автопатот ама ќе затворите домови.”- Жители од куќите кои се наоѓаат непосредно до автопатот во изградба Кичево – Охрид реагираат дека влезовите до дома им се блокирани а никој им нема појаснето од каде сега тие ќе стигнуваат до своите куќи, пренесува Телевизија 24 вести.

Честитки за динамиката, но дали сте запознаени дека со градбата на автопатот има домови кои се лоцирани покрај автопатот и ќе останат блокирани. За нив не е предвиден ниту излез на локален пат во проектот за локални патишта. Така што ќе останат блокирани и нефункционални. Вие ќе го отворите автопатот, ама ќе затворите домови. Ќе бидеме приморани да се иселиме бидејќи нема да имаме излез на никаков пат. Конкретно зборувам за Мешеишта, а има и другите места покрај автопатот кои се засегнати. Ве молам ангажирајте се да не се случуваат вакви работи кои многу ќе им го отежнат животот на луѓето кои живеат покрај автопатот.-пишуваат граѓаните.

Се жалат и жителите на Подмолје кои велат дека сега треба да вртат низ целото село за да излезат на главниот пат, додека жителите на Песочан, пак, велат дека за стигнат до автобуската постојка мора да ризикуваат пеш да преминат преку коловозот од автопатот.

Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека освен забрзаното темпо на изградба на автопатската делница во моментов се работи и на изградба на пристапни патишта кон селата околу автопатот.

Според најавите, до Петровден, 12 јули, во употреба треба да биде пуштена делницата од автопатот од Охрид до селото Врбјани во должина од 40 километри, со исклучот на делот кај село Ботун каде се уште се работи на насанирање свлечишта.

OhridNews
Извор: Тв 24 вести