Сообраќајната незгода во која критично беше повредено малолетно лице беше причина за жителите на с. Луково денеска да излезат на протест. Ова не е прв ваков случај, пред неколку години на истиот патен правец прегазен беше човек кој го загуби животот.
Во едночасовната блокада на патниот правец Струга – Дебар, жителите на с. Луково побараа присуство од полицијата и обезбедување на патот.
„Возете свесно и вашето дете се соочува со несигурност на патот“, „Ве молиме почитувајте ги поставените сообраќајни знаци кај населените места“, „Надлежните да го контролираат сообраќајот“ , се дел од пораките кои беа пренесени од денешниот протест од страна на локалното население од с. Луково
Малолетно дете во моментов се бори за живот. Нашето главно барање е да се постави комплетна сигнализација на тој дел од патот пред Луково, пред се успорувачи на сообраќајниот пат и соодветни сообраќајни знаци, пешачки премини, осветлување, легнати и осветлени знаци како и ограничена радарска контрола“, порача поранешниот претседател на Месна заедница Иванче Лекоски.
Жителите на Луково порачаа дека се додека не им бидат исполнети барањата ќе продолжат со целосна блокада на патниот правец Струга- Дебар.
К.А
















