Жители од Велестово и сопственици на викенд куќи бараат да се постави осветлување на патот кој води до селото, каде во тек е реализацијата на втората фаза од проектот за асфалтирање на овој патен правец.
– Кога веќе се презема ваков зафат од страна на локалната самоуправа, зошто не се изврши и осветлување на патот кој години наназад се користи и како рекреативна патека и од страна на охриѓани и од страна на бројните домашни и странски гости кои својот одмор го минуваат во некоја од викенд куќите во Велестово. На сите меѓународни саеми за туризам, флаери, разгледници од Охрид токму се користат фотографиите направени од овој пат поради прекрасниот поглед кон градот.Зошто да се лишени охриѓани и гостите од ноќна рекреација на оваа патека со најубав поглед кон езерото и Охрид, велат жителите на Велестово.
Од локалната самоуправа објаснуваат дека осветлување на патот ќе се изврши по завршувањето на втората фаза за асфалтирање на патот.
Инаку, во втората фаза е предвидено да се асфалтираат уште 2000 метри од патот, при што се работи и на негово делумно проширување. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува околу 30 милиони денари.
Покрај овој патен правец, во наредниот период ќе се изврши асфалтирање и на локалниот патен правец од село Вапила до Ливоишта и локалниот патен правец во населба Рача кај месноста Кромидишта.
Т.К.