Во близина на магистралата која води до граничниот премин Ќафасан, на иницијатива на месните заедници од селата Теферич и Радолишта, денеска беше откриена спомен плоча во спомен на народното востание што заеднички го кренале жителите Албанци и Македонци од струшко и охридско против српската војска во 1913 година, испишана само на Албански јазик. На свеченоста кај Теферич на која не присуствуваше градоначалникот на Струга Села имаше обележја само на албанската етничка заедница.
-Нема други обележја затоа што тука се кренале на востание Албанците, и затоа што тука живее само албанско население, изјави Ваит Ајро претставник на иницијативниот одбор за поставување на спомен обележјата.
Спомен обележјето е поставено на место за кое струшкиот Музеј смета дека е црковно, што според Ајрно не е точно.
-Во урбанистичкиот план од 1999 година има ознака крст на ова место, што значи дека местото е ваковско, заедничко, не подразбира дека е црква или џамија. Реално се лажат сите дека постоело нешто друго, освен празно место. Денеска во плановите стои дека ова место е сопственост на РМ, односно на општина Струга-рече Ајро.
Тој признава дека не била добиена дозвола за поставување на спомен обележјето, затоа што според него тоа не било потребно.
-Согласно законот не треба дозвола за поставување спомен плоча. Ние со ова обележје само се потсетуваме на овој значаен датум и не ги нарушуваме меѓуетничките односи, вели Ајро.
Покрај во Теферич, спомен обележја на албански јазик по повод 100-годишнината од народното востание против српската војска денеска ќе бидат поставени и во селата Радолишта, Мислодежда и Корошишта.
OhridNews