Жителите на Ново Село, Ботун, Климештани, Мешеишта, Требеништа и Песочан покренаа петиција до Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата и ЈП за државни патишта на РМ, против иницијативата на фирма од Елбасан, Албанија, за изградба на асфалтна и бетонска база и сепарација покрај реката Сатеска во Ново село.
„Местото за поставување на базите е до речното корито на реката Сатеска од којашто наведените села долж нејзиното течение ги наводнуваат обработливите земјоделски површини. Со отпочнување со работа на базите и производството на асфалт ќе дојде до трајно загадување на површинските и подземните води, а со тоа и загадување на единствениот извор за наводнување на обработливите земјоделски површини на населението долж реката Сатеска, која се влива во Охридското езеро, кое пак, е заштитено од УНЕСКО.“ – стои во петицијата.
Потписниците на петицијата укажуваат дека сепарацијата е предвидена да се изгради на обработливи земјоделски површини, што ќе нанесе огрмни штети на целото поле помеѓу селата Ново Село, Ботун, Белчишта и Песочан. Дополнително тоа ќе има негативно влијание врз квалитетот на воздухот и целиот животински и растителен свет.
Жителите на Дебарца бараат од институциите да ги преземат сите потребни мерки и активности против иницијативата за давање дозвола за поставување на асфалтна база, бетонска база и сепарација во Ново Село. „Во спротивно месното население ќе се организира и ќе го спречи поставувањето на базите“ – стои во соопштението.
OhridNews














