Жителите од селата во горна Малесија приморани се лекарска помош да бараат во струшката болница, затоа што единствената амбулантата изградена во селото Мислодежда во 2010 година, се уште не е ставена во функција.

-Од денoт кога е изградена, овие врати се затворени и нема доктор. Можеби е изграден објектот од политички причини само, но сега е затворен и пропаѓа, вели жител на Малесија.

Некои од селата од градот се одачени и по 50 километри, а во зима за време на снег патиштата се непроодни и речиси е невозможно да се патува, се жалат селаните.

-Додека стигнат во Струга, болните ја губат битката за живот, додава постар жител на Малесија.


Новата амбуланта во Милсодежда се уште не е ставена во функција

Од Министерството за здравство решението на проблемот го гледаат во издавање на амбулантата под концесија.

-Веќе е распишан оглас за концесија и сите заинтересирани можат да се пријават, изјави деновиве во Охрид министерот Никола Тодоров.

Тодоров објаснува дека моделот на државно примарно здравство одамна е напуштен, што значи дека доколку нема заинтересирани лекари за работа  во амбулантата во Мислодежда, жителите од горна Малесија и оваа зима ќе бидат приморани здравствени услуги да користат во Струга и околните населени места.

Г.М.