Со протест што ќе се одржи утре во 17 часот кај малиот плоштад на улицата „Питу Гули“, жителите на Горна Влашка маала ќе го изразат своето незадоволство и револт поради поставувањето на базна станица од мобилен оператор на една од куќите која е во непосредна близина на основното училиште „Христо Узунов“ и детската градинка.

Жителите сметаат дека со поставувањето на станицата би се загрозил животот на луѓето кои живеат во населбата, пред се на децата.

– Овој протест ќе биде против поставување на оваа базна станица која со негативно зрачење влијае на жителите особено на над 1500 млади кои го посетуваат училиштето и градинката. Заедно сите граѓани да побараме отстранување на базната станица, како и измена на законската регулатива за поставување вакви станици кои се штетни во населено место, вели претседателот на УЗ 10, Томислав Трпе Голејшки.

Активностите за поставување на базната станица започнале пред една седмица, по што следувала брза реакција од населението кое успеало да ги стопира работниците во понатамошните активности. Следувала и средба со претставници од операторот, кои ги убедувале дека поставувањето на базната станица нема штетно влијание врз животот на населението.

– Прво не убедуваа дека нема никакво зрачење, потоа дека најмалку има зрачење на локацијата каде е поставена, а најголемо на 60 метри оддалеченост. Самиот мобилен оператор ВИП за медиуми има изјавено дека никогаш нема да поставува базни станици околу училишта, градинки, болници и слично. Ние прашуваме зошто, ако нема зрачење? Нема да се откажеме, станицата мора да се отстрани. потенцира Петар Трајаноски, жител на Горна Влашка Маала.

Со подршка за иницијативата и барањата на жителите на населбата и директорите на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоноски и на детската градинка, Розе Костоска. Како што вели Костоска, нивна обврска е да ги заштитат младите генерации од негативни влајанија во установите кои ги посетуваат.

– Ќе се бориме што поскоро да се тргне, не само оваа антена, туку и останатите во градот. Операторите заради лични интереси се обидуваат да продолжат, но мора да се изврши и промена на законската регулатива, бидејќи сега пишува дека не смее да се поставуваат во планини заради заштита на животните. Значи ние треба да ги заштитиме животните, а децата и жителите не. Кажаа дека нивните вработени кои се поставени околу антените, на секои два часа ги менуваат, кога прашавме зошто, не добивме одговор. Сето ова докажува дека има зрачење колку и да не убедуваат дека нема. Ние сме категорични, ако не се исполни нашето барање, сите ќе ги префрлиме нашите телефонски броеви кај друг оператор, изјави Розе Костоска.

Жителите од Горна Влашка маала ги повикаа градоначалникот, охридските пратеници и советници да им се приклучат на протестот со цел да се помогне во решавањето на проблемот кој ги засега сите граѓани.

Т.К.