Жителите на Лакочереј реагираат за проблеми со водоснабдувањето на ова населено место. Тие се жалат дека два месеца континуирано и секојдневно повеќе часови има прекин во снабдувањето со вода, а пред неколку дена делови од селото немало воопшто вода за пиење.

Од ЈП Водовод Охрид велат се врши континуирано водоснабдување на селата Горно и Долно Лакочереј, така што селото Горно Лакочереј е поврзано на градскиот водовод, а селото Долно Лакочереј е посебен водоводен систем со пумпна станица и резервоар.

Прекините во водоснабдувањето на овие села, посебно во летниот период може да настанат од причини предизвикани при тековното одржување на водоводниот систем (дефект на водоводни линии, активности во пупмната станица и сл.) за кои јавното претпријатие навремено реагира и ги известува жителите од овие места.

Посочуваат дека како главна причина за евентуалниот недостаток на вода (намален притисок) во овие места, посебно во летниот период е и енормната потрошувачка на вода (питка вода) која се користи односно се злоупотребува за полевање на земјоделските површини во овие населени места.

Недостатокот (намален притисок) на вода може да се забележи на повисоките места особено во попладневните часови. Од страна на претпријатието во рамките на своите надлежности се вршат контроли со цел намалување на загубите на вода од злоупотреба на истата.

Потенцираат дека во селото Горно Лакочереј е поставена нова препумпна станица со што значително е подобрено водоснабдувањето на жителите од повисоките зони односно решен нивниот децениски проблем од недостаток на питка вода.

OhridNews