Сопствениците на земјиште во крајбрежнот потег на охридското село Љубаништа се уште немаат информација што ќе биде со нивниот имот, доколку се реализира планот на Владата за изградба на туристички зони во кои треба да никнат елитни хотели и вилски населби.
Според првичните најави во овој дел од брегот на Охридското Езеро требаше да инвестира контроверзниот бизнисмен Субрата Рој. Тој при својата посета на Љубаништа, во присуство на владини министри најавуваше дека тука ќе гради луксузен ресорт со хотел на вода и ексклузивна населба. Но и покрај тоа што овие најави не се исполнија, жителите на селото велат дека државата не се откажува од проектот.
-Извршена е тука некоја експропријација без знаење на граѓаните што не би требало. Треба да се почитува нивниот идентитет, нивните вредности и сопствени вредности, 90 проценти од граѓаните не се согласуваат да ги продадат имотите, изјави Ѓорѓи Траески од МЗ Љубаништа.
Жителите бараат претставници на надлежните институции да дојдат во селото и да им објаснат што се планира со нивните имоти и зошто државата сака да им ги одземе по цена која е далеку од реалната вредност.
-Нема шанси, кој е будала да даде земјиште за едно евро. Освен ако не ни го земат, ама тоа е кражба, исто како бакшиш да го дадете, вели жител на селото.
Негов соселанец вели дека недозволиво е да се одзема имот за изградба на сместувачки капацитети од комерцијален карактер.
-Државата ако одлучи може да ја земе земјата и без пари. Да се прави пат, железница нека биде за едно евро, но некој да прави хотели, а тука се кубури и селото да го занемари тоа е штета, вели нашиот соговорник.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески вели дека општината нема конкретни информации за плановите во туристичката зона во Љубаништа, бидејќи тоа е проект на Владата, односно на министерството за транспорт и врски, но изразува подготвеност да посредува да се реши проблемот.
-Кога ќе добиеме конкретни информации и од страна на месното население и кога ќе ги добиеме комплетните планови од Министерството за транспорт и врските со една сеопфатна и заедничка анализа ќе се стремиме да посредуваме и да помогнеме во насока на најповолна корист за сите страни, рече Бакрачески.
Според најавите во Љубанишко поле ќе се градат три туристички развојни зони, кои со Охрид ќе ги поврзува експресен пат кој ќе поминува низ Националниот парк Галичица, за што државата иницираше измени на опфатот на паркот, што наиде на жестоки критики од екологистите. Тие предупредуваат дека реализацијата на овие проекти ќе има големи последици и ќе ги загрози ендемските видови флора и фауна кои живеат во езерото и на Галичица, како и природните вредности на охридскиот регион поради кои тој е ставен на светската листа на заштитени подрачја на УНЕСКО.
OhridNews