Жителите Македонци од струшкото село Мислешево, денеска излегоа на мирен протест во знак на револт кон одлуката на надлежниот инспекторат кој деновиве го одбил нивното барање за поставување 25 метарски јарбол со државното знаме и донел решение за прекин на започнатите градежни активности кои се одвиваат непосредно до до регионалниот пат Охрид – Струга.
Месното население истакна дека нема намера да се откаже од идејата за поставување на големо државно знаме во селото, посочувајќи дека јарболот ќе биде подигнат на приватен имот со одобрение на сопственикот на местото.
-Ова знаме не е насочено против никого и само ја одразува нашата волја. Ние ќе го поставиме и подготвени сме да го браниме, беше истакнато на протестот.
И покрај доставеното решение за прекин, денеска продолжија градежните работи за поставување на јарболот, а симболично протестантите развеаа знаме на јужноамериканскиот револуционер Ернесто Че Гевара.
Од општина Струга информираат дека поставувањето и истакнување државно знаме, како и други национални и симболи на заедниците кои живеат во Република Македонија е уредено со посебен закон.
–Не може приватен субјект самоиницијативно да постави знаме на РМ, без разлика дали се работи за државен или приватен имот, за тоа постои законска постапка, изјави Зоран Гулицоски, секретар на општина Струга.
Запрашан дали законот за знамиња и симболи доследно се почитува на целата територија на општината, Гулицоски истакна дека грижа за тоа води јавното комунално претпријатие, согласно прописите и актите донесени од градскиот совет, а во случаите каде има самоиницијативно кршење на законот била поведена соодветна постапка.