Жителите на Песочан се против отворање на нов каменолом во неспосредна близина на селото, бидејќи стравуваат дека доколку тој почне со работа ќе го загрози единствениот верски објект во селото. Тие одржаа мирен, предупредувачки протест од кој упатија порака до владата да не дозволи отворање на каменоломот.

– Сакаме да упатиме барање и предупредување до Владата на РМ да ја поништи одлуката за доделување концесија за нов каменолом кој како што може да видите се наоѓа на 100 метри од нашиот единствен верски објект храмот Св. Кирил И методиј. Самата близина на каменоломот како и начиниот на експлоатација којашто е предвидено да се врши со минирање ќе предизвика оштетување на нашиот верски објект, ќе ја загади околината и ќе создава голема бучава. – рече Александар Дојчиновски од с. Песочан.

Доколку властите не го исполнат барањето, месното население најави дека ќе го радикализираат протестот. 

-Доколку ова наше последно барање не биде исполнето ќе преминеме кон порадикални мерки односно блокирање на магистралниот пат Кичево – Охрид, како и блокирање на работата на каменоломот до исполнување на нашите барања. – предупреди Дојчиновски.

Како што дознаваме, оваа концесија за експлоатација на минерална суровина е доделена по скратена постапка на подизведувач на градежни работи на автопатот Охрид – Кичево, согласно направените измени во Законот за минерални суровини во кој е додаден членот 40-а, кој што му овозможува на имателот на одобрението за градба на државен пат да побара и во рок од 15 дена да добие одобрение за експлоатација без да ја мине вообичаената процедура во која треба да достави Решение за одобрување на елаборат за оцена на влијанието врз животната средина, план за управување со отпад, водостопанска дозвола и други дозволи, кои се задолжителни за останатите концесионери. Поради тоа група концесионери на приватни каменоломи покренаа постапка пред Уставен суд и бараат укинување на членот 40-а од Законот за минерални суровини, бидејќи сметаат дека истиот ги става во нерамноправна положба.

Г.М.