Жителите на улицата „Прилепска“ денес се собраа јавно да ги изнесат нивните барања до надлежните во врска со состојбата на улицата. Посочуваат дека работите на улица кои се започните од октомври 2024 година, се одвиваат премногу бавно и некоординирано. При секој дожд улицата, велат, се претвора во река. По проблемот деновиве со заглавените возила надлежните презеле одредени мерки кои според нив не се доволни.
Овој проблем што сега го имаме е ништо со тоа што не чека. Најголем проблем се отворените шахти по текот на целата улица. При разминување на возачите постои опасност да пропаднат во шахта, да настане судар и стравуваме од евентуални жртви. Шахтите не се безбедни, имаат по една иверица над нив. По случајот со возилата кои заглавија, поставени се плочи на средина на улицата за да можат возилата да се движат, а беа поставени вчера и знаци од надлежните служби за забрана на сообраќај во двата правци. Како ние ќе стигнеме до дома? Не е добра одлуката. По врнежите од дожд се наполнија и подрумите, дворовите во куќите, реагираат жителите.
Очекувањата биле дека денес претставници од службите и дел од советниците ќе дојдат на терен да ја воочат ситуацијата, за да можат и да им ги презентираат нивните барања.
Бараме веднаш да се стави тампон чист, да се извадат плочите што се потенцијална опасност за кинење на водоводната и канализационата мрежа, да го набијат тој тампон и во прва прилика да ја асфалтираат улицата. Едно од барањата е и отворање на постојните канали, лево и десно од улицата „Прилепска“ кои имаат отворен влез во „Железничка“, но од одредени поединци истите се затворени за сопствена корист и поплавени се дворови и подрумски простории на граѓани, беше посочено на собирот на жителите.

Инаку, на последната одржана седница на Совет на Општина Охрид, беше посочено дека за улицата „Прилепска“ во постојните програми не е предвидено асфалтирање и партерно уредување на истата од причини што активностите на јавните претпријатија за реконструкција на водоводната линија и целосна промена на канализационата мрежа ќе бидат завршени некаде пред февруари. Истата се очекува да биде асфалтирана во првите месеци од пролетта, а целосната реконструкција да биде завршена до мај.
Н.С.Ј.




















