Жителите на населбите „Радојца Новичиќ“ и Лакочереј упатуваат апел до СВР Охрид и останатите надлежните институции навремено да преземат мерки за да се спречи сериозен проблем со сообраќајот и безбедноста на овој патен правец.

Со почетокот на учебната година, проблемот станува особено загрижувачки поради зголеменото движење на деца кои секојдневно одат на училиште. На патниот правец сè почесто се забележуваат непрописно паркирани автомобили, товарни возила и земјоделска механизација, кои се оставаат на тротоарите, покрај коловозот или директно на патот, со што се попречува нормалното одвивање на сообраќајот и движењето на пешаците. Дворовите се заградија, а автомобилите наместо во дворовите се оставаат на патот и на тротоарите, со што дополнително се создава хаос и се намалува просторот за безбедно движење, велат во дописот до медиумите.

Дополнителен проблем, посочуваат, претставува и лошата состојба на коловозот, односно големиот број дупки по патот, кои претставуваат опасност за сите учесници во сообраќајот како и несоодветно одржуваната, односно непокосената вегетација покрај патот, која на одредени места ја намалува прегледноста и дополнително го стеснува просторот за безбедно движење.

Загрижува и брзото и несовесно возење по овој патен правец. Кога ќе се земат предвид непрописно паркираните возила, дупките на коловозот и намалената прегледност поради непокосената вегетација, ризикот за пешаците, а особено за децата, станува уште поголем. Нашиот апел е да се реагира навреме, а не да се чека да се случи несакан настан. Не сакаме да ни се случи истото што денес го гледаме на повеќе места низ Охрид, каде непрописното паркирање по тротоарите сериозно го отежнува движењето на пешаците и создава хаос во сообраќајот. Сакаме проблемите да се спречат додека сè уште можат навреме да се решат, велат.

Во оваа насока бараат од СВР Охрид и надлежните институции да излезат на терен и да ја согледаат реалната состојба, како и да преземат конкретни мерки кои се однесуваат на контрола и санкционирање на непрописното паркирање; зголемена контрола врз брзината на движење; санација на дупките и оштетувањата на коловозот; навремено косење и одржување на вегетацијата покрај патот; обезбедување безбедни услови за движење на пешаците, особено на децата кои одат на училиште.

Овој апел не е насочен против никого, туку е повик за ред, превенција и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот. Да реагираме навреме, пред да се случи несакан настан. Безбедноста на нашите деца мора да биде на прво место!, потенцираат.

OhridNews