Охриѓани кои живеат во јужниот дел од улицата „Илинденска“ и во околината на црквата „Света Софија“ се жалат дека затварањето на преминот низ дворниот просторот во западниот дел на црквата кој се користи како летна сцена, им предизвикува проблеми во секојдневното живеење.

Тие бараат од надлежните во Дебарско-кичевската епархија да ги отклучуваат поставените железни порти во текот на денот и да ги заклучуваат само во текот на вечерните часови.

-Ние немаме против поставувањето на ограда околу црквата туку напротив тој потег на МПЦ го сметаме за многу мудар, бидејќи истата придонесува за поголема заштита на црквата. Постојат податоци дека оваа црква била оградена и во минатото, но никогаш не бил ограден односно затворен преминот кој се наоѓа на западниот дел од црквата и претставува поврзување на улицата „Илинденска“ од Мостот на желбите до Горна Порта и обратно. Затоа бараме портите кои се поставени на овој премин да бидат отклучени само во текот на денот во периодот од 7 до 19 часот, со што ние би можеле слободно да го користиме преминот, велат жителите на улицата „Илинденска“. Тие објаснуваат дека за нив не претставува проблем тоа што другите два влеза од дворот на црквата се затвораат во текот на вечерните часови, бидејќи истите можат слободно да се користат за поминување во текот на денот.

За решавањето на овој проблем жителите до сега имале испратено неколку барања до Дебарско кичевската епархија и до општина Охрид, но не наишле на разбирање.

Потегот на западната страна на црквата „Света Софија“, пред да биде поставена новата ограда често беше мета на несовесни граѓани туристи и многу често се користше како јавен тоалет. За овој проблем многу пати пишуваа и медимите по поплаки од граѓани кои живеат во овој потег на стариот дел на Охрид.

Инаку градежните активности за возобнување на оградата на катедралната црква „Света Софија“ во Охрид беа завршени во текот на 2014 година. Обновувањето на оградниот ѕид се вршеше врз основа на проект кој го подготви охридскиот Завод и музеј, врз основа на фото-архивата на Историскиот архив, каде што постојат документи за изгледот на старата ограда на „Света Софија“, која била урната во првата половина од дваесеттиот век.

OhridNews