Жителите на општина Вевчани и струшкото село Поум, со палење на свеќи и мирен протест пред подржницата на ЕВН Македонија во Струга денеска го изразија својот револт поради честите прекини во напојувањето со електрична енергија.

Тие се пожалија дека освен неколкудневните прекини во текот на новогодишните празници проблеми со електроснабдувањето имале и во текот на изминатиот викенд.  

-Од името на граѓаните на општина Вевчани и околните населби кои што за последен пат поодаваме рака и Ве повикуваме на средба во Вевчани со цел пrеку дијалог да се изнајде решениа за овој проблем кој сериозно го нарушува животот во Вевчани. Не сакајќи да поверуваме во негативен одговор, ви укажуваме дека ова е последен пат да повикуваме на дијалог, во спротивно ќе следуваат порадикални мерки, истакна во своето обраќање до ЕВН Македонија, отец Зоран Попоски од Кризниот штаб на Вевчани.

Жителите на  селото Поум, кое е одалечено околу 15 километри од Струга се пожалија на високите сметки кои ги добиле од ЕВН, иако како што велат, речиси цел месец немале струја.

-Пред нова година 25 дена немавме струја, срамота сиромашни сме, имавме по некоја кокошка и пиперки внатре, ни се расипа се. Плаќаме по 4.000 денари месечно имам еден фрижидер и еден телевизор, друго немаме ништо, рече Сами Бибоски, претседател на Месната заедница во село Поум.

Доколку не се реши проблемот со струјата и не се модернизира дотраената електрична инсталација, учесниците на протестот се заканија со граѓанска непослушност најавувајќи дека нема да дозволат влез на екипи на ЕВН во нивните села.

Од ЕВН информираат дека уште вчера вечер по два часа прекин на струјата ја оспособиле нисконапонската мрежа во струшко. Велат дека компанијата е свесна за проблемите во овој регион и дека од минатата година се преземаат мерки за подобрување на мрежата. Додаваат дека протестите нема да го забрзаат решавањето на проблемот, бидејќи за тоа е потребно време.

OhridNews