Во недела, 18-ти септември, во 10 часот, месното население од неколку села во Дебрца, ќе одржи мирен протест во Ново Село покрај бензиската пумпа, против изградбата на најавената асфалтна и бетонска база и сепарација во местото викано Царополе. На протестот ќе биде побарано од надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки против изградбата на базите и зачувувања на животната средина.
Жителите против изградбата на асфалтната и бетонска база одржаа неколку протести и во месец мај, а беше потпишана и петиција која е испратена до министерствата за животна средина и просторно планирање, транспорт и врски и Агенцијата за државни патишта.
– Локацијата на која е предвидена изградба на базите е до речното корито на реката Сатеска од која што жителите од неколку села вдолж нејзиното течение, ги наводнуваат обработливите земјоделски површини. Со отпочнувањето со работа на базите и со испуштањето на нус производите на асфалтот ќе дојде до трајно загадување на површинските и подземните води, а со тоа и загадување на единствениот извор за наводнување на обработливите земјоделски површини. Реката Сатеска се влива во Охридското езеро кое што е заштитено од УНЕСКО, со што дополнително ќе се направи штета врз животинскиот и растителниот свет во езерото. Самата сепарација што се предвидува да се направи на сред обработливи земјоделски површини ќе му нанесе и огрмни штети на целото поле кое што се простира помегу селата Ново Село, Ботун, Белчишта и Песочан. Мора да го споменеме и негативното влијанието на асфалтната и бетонската база врз квалитетот на воздухот и животинскиот и растителен свет кој што гравитира околу наведената локација, наведуваат жителите во петицијата.
Како што тие потенцираат, доколку градежните активности продолжат, месното население ќе премине кон порадикални мерки, односно блокирање на патниот правец Охрид-Кичево.
OhridNews













