Од неделата кога изби пожар кој ги пеплоса електричните броила, никој не дошол да не праша дали ни треба нешто, иако немаме елементарни услови за живот, револтирано реагираат жителите од опожарената зграда на бул „Туристичка“ во Охрид.
-Денес е среда, и ние трет ден немаме никаква помош. Никој не дошол да не праша дали нешто ни е потребно, освен вода за пиење друго немаме ништо, вели Белинда Андоновска, жителка на опожарената зграда.
Електричната инсталација во зградата целосно изгоре во пожарот, но се уште не се почнати никакви активности за санација на штетите, се жалат жителите.
-Се чека да се изврши увид, обезбедување на докази по пријавата на нашиот куќен совет и затоа ние лично како граѓани не преземаме ништо. ЕВН во нивниот дел ништо нема преземено, освен што ги зедоа броилата кои не беа опожарени на читање за да ни пратат сметки, додава Андоновска.
Портпаролот на ЕВН Македонија изјави дека пожарот во станбената зграда на бул. Туристичка е последица на нестручни зафати околу броилата.
„Пожарот во станбената зграда бр. 4 на бул. Туристичка во Охрид за жал е она на што постојано предупредувавме. Да не се изведуват дејствија на лица кои не се стручни околу броилата туку да се повика екипа на ЕВН Македонија. Според сведокот и првите неофицијални информации од увидот на полицијата, судските вешти лица и екипите на ЕВН Македонија, во зградата живее корисник кој поради долг е исклучен и сеуште го нема подмирено долгот. Тој заедно со домарот на зградата проверувале дали овој корисник има или нема некоја од фазите, според нивните зборови тогаш направиле куса врска при што избил пожарот. За среќа никој не е повреден, но за жал од ова несовесно однесување штетата ја трпат и ЕВН Македонија но и сите станари, затоа што во пожарот изгорела и внатрешната инсталација чија замена паѓа на товар на корисниците. Штетат за е ЕВН е 50 изгорени броила кои ќе бидат заменети веднаш штом биде доведена во ред внатрешната инсталација. ЕВН Македонија ќе направи увид и откако ќе ја процени штетата преку судска постапка ќе бара надомест од сторителот. Ако се утврди и дека корисникот самоволно се приклучил и за ова дело ќе поведе постапка.“-изјави портпаролот Ковачески.
Општина Охрид денеска формира комисија за проценка на направената штета и најави помош за жителите од опожарената зграда.
–Ќе направиме се што е во наша надлежност да им излеземе во пресрет на граѓаните кои што живеат во оваа зграда. Во моментов што може да направиме е да иницираме побрзо да се разрешат проблемите, а најголемиот проблем на жителите колку што можевме да видиме е санирањето на електричната инсталација, рече Ѓоко Апостолов, од општина Охрид.
Во опожарената зграда на бул „Туристичка“ има 46 стана. Дел од постојаните жители времено ги напуштија своите домови, а оние кои немаат каде да одат денот го минуваат во дворот пред зградата бидејќи престојот во неа е непријатен поради миризбата од пожарот која и натаму силно се чувствува.