Дел од жителите на „Славеј Планина“ реагираат дека е неопходна санација на улицата, односно потребно е соодветно асфалтирање на дупките по оваа сообраќајница.

Како што велат тие, со овој проблем се соочуваат веќе години наназад, а 90 отсто од луѓето кои живеат во ова подрачје, се сопственици на приватни сместувачки капацитети и апартмани.

Првиот впечаток кога ќе дојдат туристите не е добар. Гостите често се жалат дека населбата не е средена, а улиците се полни со прашина и дупки. Иако ова е мирно место, не толку оддалечено од централното градско подрачје, сепак условите се очајни. Туристите мораат да кружат, за да стигнат до тука.“ – реагираат жители од улицата „Славеј Планина“, наспроти Факултетот за туризам и угостителство.

Тие додаваат дека долж улицата и на запуштените приватни имоти, можат да се забележат поголеми количини отпад, кои дополнително ја нагрдуваат сликата за градот.

Како еколошка свест кај поединци да не постои, па си тераат по свое. Насекаде е расфрлан отпад, од мебел, до градежен шут и огрев. Засега никој нема реагирано.“ – велат охриѓани кои живеат на оваа локација.

Од локалната самоуправа информираат дека споменатиот дел на оваа сообраќајница е планиран за асфалтирање, но засега истото не може да се реализира поради нерасчистени имотно-правни односи.

Ве информираме дека споменатиот дел на оваа сообраќајница е планиран за асфалтирање. Стручни екипи од Секторот за комунален развој се излезени на терен и констатирано е дека овој зафат засега не може да се реализира, бидејќи има нерасчистени имотно-правни односи.“ – информираат од локалната самоуправа.

O.T.