Продолжуваат несогласувањата помеѓу жителите на новите станбени згради на ул „Карпош Војвода“ и Локалната самоуправа, во врска со уредувањето на пристапниот пат и дворното место на објектите, кои при пообилни врнежи се полнат со вода, со што се отежнува секојдневното живеење на граѓаните.,
-Искрено се надевавме дека за нашите проблеми со кои се секојдневно се соочуваме, ќе добиевме поддршка за решавање од страна на Општината, а со тоа и одговор: “ЌЕ ВИ ПОМОГНЕМЕ”. По стрпливо и долго чекање, на крајот пристапивме кон јавно објавување на проблемот – нешто што најмалку го посакувавме. Како одговор, од Локалната Самоуправа добивме писмо до медиуми со кое љубезно ни објаснија дека “нашиот проблем, не е и нивен”. Со други зборови, од сега па натаму, секогаш кога ќе имаме маалски проблем, да побараме помош на друго место, на пример во општина Конче, стои меѓу другото во реакцијата на жителите од новите згради на „Карпош Војвода“.
Оттаму нагласуваат дека воопшто не се согласуваат со изјавата на одговорните дека општина Охрид “ја изградила потребната инфраструктура”.
-Патот кој “ни следува” според ДУП У.Б 8.2 – Општината не го изградила: КП 6607/1. Не се изградени и 10 паркинг места (според ДУП У.Б 8.2) на истата неизградена улица. Не постои јавно осветлување, што ни создава проблеми во иста мерка како и калот и водата од претходните слики. Околу нас не постои соодветна секундарна атмосферска канализација, поради што водата прикажана на сликите доаѓа од секаде. Нашиот “двор” е најниска точка во околината. Да не зборуваме и колку пати околу нас дојде до промена на фамозниот ДУП, па станавме “населба на ѕидини”. Овој процес уште не е довршен….Се гради ударнички…, стои во реакцијата.
Жителите од „Карпош Војвода“ бараат спроведување на важечкиот урбанистички план
Во реакцијата се потенцира уште дека поради неуредениот простор, инаку опфатен и предвиден со ДУП, дворното место на зградата се користи како пристапен пат и од околните згради и градилишта.
-Ако е наш двор, тогаш би можеле да го заградиме (или да посадиме парк). Како тогаш ќе функционираат околните згради и градилишта без пат?-прашуваат незадоволните граѓани.
Тие велат дека надлежните институции треба да бидат сервис на граѓаните и да ги решаваат нивните проблеми, односно и да им подадат рака кога имаат мака.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com