Граѓаните во Северна Македонија живеат пократко од европскиот просек, покажуваат најновите податоци на Еуростат за очекуваниот животен век, кои укажуваат на значителна разлика меѓу земјата и Европската унија.

Според објавените статистики, очекуваниот животен век во Северна Македонија e 76,5 години, додека просекот во Европската унија изнесува околу 81,5 години.

Еуростат посочува дека животниот век во ЕУ повторно бележи раст и веќе ги надминува предпандемиските нивоа, додека кај земјите од регионот, вклучително и Северна Македонија, закрепнувањето е побавно и нерамномерно.

Дополнително, податоците покажуваат дека и во земјата, како и во ЕУ, жените живеат подолго од мажите, но вкупното ниво останува пониско во споредба со европските стандарди. Во ЕУ жените во просек живеат подолго 5,2 години,  а во Македонија 4,4 години.

Аналитичарите оценуваат дека ваквиот јаз се должи на повеќе фактори, меѓу кои здравствениот систем, животниот стил и социо-економските услови, што укажува на потреба од долгорочни политики за подобрување на јавното здравје и квалитетот на живот.

OhridNews