Преку вчерашната изложба во галеријата на „Робевци“, започна новиот циклус на „мултивитАРТизација“, преку кој љубителите на уметноста во идниот период ќе имаат можност да се запознаат со ремек делата на талетнираните уметници од земјава.
Со наслов “Температура, циркулација, гравитација“, скопската уметница Маја Кировска ја отвори уметничката година во Охрид. Граѓаните имаа можност, во нејзините дела да ги согледаат сите циклуси на природата, односно сличноста на однесувањето на живите суштества со неорганските супстанции.
„Идеата за овие дела датира од поодамна. Но конкретно за оваа моја изложба, со припреми започнав уште од летниот период. Во текот на декември, моите дела беа изложени во Скопје, па сега во соработка со Центарот за културен проток “Артерија” ги презентирав пред охриѓани.“ – вели Кировска.
Инспирацијата за нејзините дела, Кировска ја црпи од животните циклуси на човекот, доловувајќи им на вљубениците во уметноста, една несекојдневна компарација.
„Инспирацијата за моите дела, ја црпам од циклусите во животот на човекот. Раѓањето, животот, смртта и патеката измеѓу. Тука се и сличностите на однесување на природните материјали, живи суштества, вештачки супстанции. Едноставно најдов сличности во нивното функционирање.“ – истакнува Кировска.
Кировска истакнува дека младите уметници од земјава, и покрај секојдневните проблеми со кои се соочуваат, успеваат да ги реализираат своите идеи.
„Уметниците работат од љубов, а не за материјална добивка. Секогаш има публика која е заинтересирана за уметноста. Иако оваа област е финансиски неисплатлива, ние ја вложуваме целата наша енергија како би ја издигнале уметноста на едно повисоко рамниште. Основниот проблем е тоа што, никој не сака на младите уметници да им одобри галериски простор како би ги презентирале своите дела. Но сите ние, на различен начин успеавме да ги реализираме нашите зацртани планови.“ – додава скопската уметница Маја Кировска.
Ели Аиноска Христовска од Центарот за културен проток „АРТерија“, потенцира дека оваа година охриѓани ќе имаат можност да се запознаат со поголем број на уметници.
„Оваа е веќе трета година, како започнуваме со изложби. Покрај галеријата во „Робевци“, ќе изложуваме и во Центарот за култура „Григор Прличев“. Оваа година за мене е побогата, поразновидна и поинтересна. Ќе имаме неколку групни изложби, со уметници од Кавадарци, Скопје, Битола. Покрај традиционалната уметност, нудиме и она што е акутелна на сцената. Задоволна сум како помина изложбата, а во иднина се надевам дека интерес ќе пројават и помладите.“ – вели Аиноска Христовска.
Инаку, Маја Кировска досега имала пет самостојни изложби и неколку перформанси. Од позначајните изложби ќе ги издвоиме оние во Венеција, Холандија, Данска, Франција и други европски земји. Исто така, Кировска е член на уметничката група „Моми“ и еден од основачите на АРТ Институтот Скопје. За во мај месец, во соработка со Центарот за културен проток “Артерија”, охриѓани ќе имаат можност повторно да се запознаат со делата на Кировска.
O.T.