Две лица загинаа а 35 се повредени кога вчера воз на железничката компанија „Амтрак“ излета од шините во близина на градот Филаделфија, во сојузната американска држава Пенсилванија, соопшти компанијата. Возот со 340 патници и седум членови на екипажот сообраќал на линијата од Њујорк за градот Савана во државата Џорџија, кога удрил во багер кој се нашол на пругата во Честер. Поради кои причини багерот стоел на пругата, засегаа не е познато. По сударот композицијата излетала од шините и избил пожар. Жртви се управувачот со багерот и уште едно лице кое било во близината, и двајцата се вработени во „Амтрак“.
Во несреќата со повреди се здобиле патниците кои се наоѓале во првиот вагон од композицијата, и 35 од нив се хоспитализирани, и според првичните сознанија тие се надвор од животна опасност. Поради инцидентот железничкиот сообраќај меѓу Њујорк и Филаделфија повеќе часови е во прекин, а Националната агенција за безбедност во сообраќајот отвори истрага и на местото на несреќата испрати стручни тимови.
Во мај 2015 година воз исто така на компанијата „Амтрак“ излета од шините во близина на Филаделфија. Тогаш загинаа осум луѓе, а повеќе од 200 беа повредени. Причината беше објаснета со значително поголемата брзина од пропишаната со која се движела композицијата. Потоа беше појаснето дека возот немал систем за безбедност кој треба автоматски да го забави или да го запре доколку дојде до грешка на машиновозачот.
Една од најголемите железнички несреќи во САД последните години беше регистрирана во 2008 година во Лос Анџелес, кога патнички воз на компанијата „Метролинк“ се судри до товарна композиција при што загинаа 25 патници, а повеќе од 100 беа повредени. Истрагата утврди дека непосредно пред судирот машиновозачот на возот пишувал текстуални пораки на својот мобилен телефон.
OhridNews













