Некогашниот најдобар фудбалер во светот, Зинедин Зидан е нов тренер на Реал Мадрид откако клубот му врачи отказ на Рафа Бенитез по лошите резултати во серија.


Оваа одлука ја соопшти првиот човек на „кралевите“, Флорентино Перез на вондредната пресконференција. – Сакам да ја соопштам одлуката за прекин на соработката со Рафаел Бенитез. Сакам да потенцирам дека имавме работа со голем професионалец, му се заблагодарувам за работата и за посветеноста во изминативе месеци како тренер на Реал. Одборот на директори на Реал донесе одлука прв човек на стручниот штаб да биде назначен Зинедин Зидан. За Зидан, зборот невозможно едноставно не постои во речникот.

Францускиот виртуоз со топка имаше блескава фудбалска кариера, а сите очекуваат тоа да го преслика сега од клупата на Реал Мадрид.

– Mу се заблагодарам на клубот, а посебно на претседателот за огромната доверба и шансата која ми се укажува. Го имаме најдобриот состав на светот и најдобрите навивачи на светот. Ќе се обидам да го дадам најдоброто од себе за овој тим и се надевам дека ќе освоиме некоја титула на крајот од сезоната. Можам да ветам дека ќе направам се што е во моја моќ да ја промениме ситуацијата, да имам одлична соработка со фудбалерите и да тргне се на подобро. Најважно е утре да бидам со тимот и да започнеме со работата. Чувствувам силни емоции, но утре веќе ќе бидам подготвен за работа. – истакна Зидан.

Зидан зад себе комплетно ќе ја има поддршката од навивачите, нешто што беше незамисливо за Рафа Бенитез на Сантијаго Бернабеу.

Ohridnews