Лидерот на Социјалистичката партија на Македонија, Љубисав Иванов Ѕинго се повлекува од пратеничката функција поради лични причини, потврдија за Макфакс од неговата партија.

Иванов веќе испратил оставка до Собранието, па сега според процедурата, претседателот на Собранието треба да ја стави на дневен ред неговата оставка на некоја од наредните седници.

Кога оставката на Иванов ќе биде констатирана, Државната изборна комисија треба да го предложи за пратеник оној кој е следен на листата, во третата изборна единица, каде што Иванов беше избран за пратеник.

Иванов беше пратеник во законодавниот дом од независноста на Македонија, а во поранешна Југославија имал пратеничко место од 1968 година.

Повлекувањето на Иванов, доаѓа откако Советот за радиодифузија им наложи на телевизиите Сител и Канал 5 до 30-ти септември да се усогласат со членот 11 од Законот за радиодифузна дејност, кој забранува јавни функционери и членови на нивните семејства да поседуваат медиуми. Сопственик на телевизија Сител е синот на Иванов.

OhridNews
извор:„Макфакс“