Екипата на Златара Бени и Ерол триумфираше на првото издание на Празничниот турнир во мал фудбал „Охрид 2020“. Златара Бени и Ерол во финалето го совладаа составот на АСП Пак после изведувањето на пеналите 4-3, откако регуларниот дел од натпреварот заврши 0-0.

Тимот на АСП Пак ја имаше играта и шансите во финалниот натпревар, но затаи реализацијата. „Зелените“ погодуваа во стативите и во гредата, но не и во мрежата. Сепак, најголемата шанса за погодок ја имаа играчите на Златара Бени и Ерол кои не реализираа пенал.

Во пенал рулетот, двете екипи погодија во првите две серии. Потоа следеа промашувања. Во четвртата серија двете екипи реализираа. Одлуката за шампионот падна во петтата серија. Златара Бени и Ерол реализираше, АСП Пак не одговори и го загуби финалето.

Во натпреварот за третото место славеше Авенуе кој со 7-2 го совлада тимот на Хера Турс Сливница.

За најдобар играч на турнирот избран беше Насер Доко (Златара Бени и Ерол), најдобар голман Ненад Попоски (Златара Бени и Ерол), а најдобар стрелец финишира Мишо Ѓорѓиески (АСП Пак).

Вкупниот награден фонд на турнирот изнесуваше 220 000 денари.

OhridNews