Охриѓанецот Томе Љушев – Шпанец освои златен медал на “UNICA” на 25-от Интернационален фестивал на аматерски документарен филм “Камера 300”, што се одржа во Битола.
Во конкуренција на 41 филм, Меѓународното жири предводено од проф. д-р Стефан Сидовски, во кое членуваат истакнати филмски работници од повеќе европски држави, одлучи златниот медал на “UNICA” за филм кој поттикнува разбирање помеѓу народите, да му припадне авторот на краткометражниот документарен филм “Страсна недела- Бигорски манастир”.
-Оваа награда всушност е на целиот тим кој работеше на овој краткометражен документарец. Зад камерата и видео монтажа стојам јас, дрон- видеото го долови мојот внук Кристијан Љушев, потоа Лара Љушева, музиката е дело на охридскиот гитарист Мартин Милески во комбинација со хорот „Псалти“ при манастирот Бигорски, а музички продуцент беше Александар Јосифоски. – изјави за OhridNews Томе Љушев – Шпанец.
Документарецот е приказ на случувањата во последните три дена од Страдалната седмица од Воскресението Христово- Велигден во манастирот Бигорски оваа година, кога благодатниот оган се разгорува на илјадници лабмади.
-Сакам да изразам огромна благодарност за подадената рака околу реализацијата на овој документарец до мојот духовен отец, игумен на манастирот Бигорски, архимандрит Партениј и целото братство од манастирот Бигорски и сестрите од манастирот Рајчица. Оваа е втора моја освоена награда. Првата ја освоив во Нови Сад за краток уметнички филм, но ова е мојот прв златен медал и особено ми е драго што доаѓа од рацете на реномирано жири и меѓународно познатата “UNICA“, додава Томе Љушев – Шпанец.
Инаку стручното жири на фестивалот „Камера 300“ одлучи годинава специјална награда да му врачи и на општинското основно училиште „Христо Узунов“ од Охрид за посебен придонес во аматерскиот документарен филм.
OhridNews














