Кандидат за градоначалник на Општина Дебрца од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Златко Силјаноски од с.Лешани е роден на 24.08.1981 година. По професија е дипломиран економист. Во 2005 година ја основал компанијата „Дебрца Експрес“. По неколку години во Австралија, љубовта кон Дебрца и Македонија го враќа дома. 15 години е претседател на здружението на превозници „Сонце и Галеби – Охрид и Дебрца“, учесник во бројни хуманитарни акции и поддржувач на спортот и културата  во Дебрца. Посебно, вели, е горд на едно богоугодно дело, за кое – како ктитор – Бог му дал можност, заедно со неговото семејство, да ја отпочнат изградбата на црквата „Св. Петка“ во село Лешани, при која своја несебична помош дале и даваат многубројни граѓани, меѓу кои и неговите соселани. Силјаноски е оженет и татко на две деца.

Силјаноски ja открива својата визија за Дебрца, зборува за приоритетите и насоките на развој на општината која во иднина ја гледа како посакувано место за живеење.

ON: Како гледате на Дебрца сега и како ја гледате Дебрца во иднина?

Силјаноски: Дебрца денес има потенцијал, но нема перспектива. Со години е заборавена – со дотраени патишта, недостиг на вода, без вистинска поддршка за младите и земјоделците.

Ја гледам идната Дебрца како модерна, чиста и просперитетна општина, со развиена инфраструктура, силна локална економија и општинска администрација што навистина работи за граѓаните. Ќе создадеме средина каде што младите ќе остануваат. Дебрца ќе биде општина на достоинство и надеж, со нова енергија, чисти села и видливи резултати.

ON: Кои се приоритетни проекти во вашата програма за претстојните локални избори?

Силјаноски: Нашата програма е реална и остварлива – план со дела, не зборови. Прв приоритет е инфраструктурата – асфалтирање улици и полски патишта во сите села, решавање на водоснабдувањето и канализацијата и реконструкција на каналите за наводнување.

Вториот приоритет е економијата: индустриска зона со нови работни места, модерен затворен пазар „Произведено во Дебрца“, поддршка за локалниот бизнис и угостителите.

Третиот приоритет е човекот: амбуланта со 24/7 дежурство и отворање на аптека, финансиска помош за младите брачни парови, првачињата и семејствата со трето дете, субвенционирани возачки дозволи за матуранти, модерни училишта и спортски објекти, како и субвенциониран јавен превоз со бесплатна недела.

Нашата мисија е јасна: секој жител на Дебрца да ја почувствува промената.

ON: Што планирате во насока на економскиот развој, заштитата на животната средина и туризмот?

Силјаноски: Ќе ја изградиме локалната економија од темел – со индустриска зона, поддршка за претприемачи и субвенции за нови бизниси. Земјоделството е наш темел: отвораме канцеларија за земјоделство, градиме мини-затворен пазар покрај автопатот, ги реконструираме каналите за наводнување и обезбедуваме пласман за производите.

Во туризмот, Дебрца ќе стане зелена и автентична дестинација. Со проектите „Златната маска Требеништа“, Белчишко Блато и Слатинско Езеро, ќе ја вратиме Дебрца на туристичката мапа. Ќе ги оживееме културните настани „Црешнобер“ и „Ноќ на Виното“, ќе ги реконструираме домовите на културата и ќе го поддржиме локалниот уметнички дух.

Во животната средина, ќе ја спроведеме акцијата „Чиста и безбедна Дебрца“ – расчистување на дивите депонии, уредување на изворите и пошумување на јавните површини. Здрава и зелена Дебрца е темел на нашата иднина.

Дебрца заслужува повеќе. Заслужува работа, чест и резултати. Јас не ветувам лесен пат – ветувам вистинска работа, посветеност и отчетност. Со поддршка од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со мојот тим и со довербата на граѓаните, ќе ја изградиме новата, силна и горда Дебрца.

Н.С.Ј.